Темна ноќ во која грмотевиците и поројниот дожд се натпреваруваа кој ќе биде посилен. Молњата одвреме-навреме ги осветлуваше темните улици полни со вода и не даваше надеж дека бурата бргу ќе престане. Ветрот, што дуваше, ги нишаше гранките од дрвјата што крцкаа натежнати од влажните гранки под тој силен напад на ветрот. Јас одев, речиси трчав. Целта ми беше да го стигнам автобусот. Ваквото време ми одеше в прилог поради тоа што немаше луѓе кои се движеа по улиците.
Пред да избегам, ја зедов од шкафот чантата со парите, пасошот, мантилот со качулка на главата и вешто се извлеков од куќата. Од тешките капки дожд ушите ми татнеа. Срцето ми чукаше пребрзо, што од невремето, што од вознемиреноста, што од брзањето. Ако не заминев вечерва, можеби уште вечерва ќе бидам мртва. Ова беше мојата последна надеж. Се тресев кога ќе помислев на тоа. Од модриците по целото тело ми се кочеа нозете, но добивав некоја внатрешна сила да продолжам. Соочена со смртта, некој внатрешен глас ми викаше: „Побрзај Мери! Малку време ти преостанува! Ова ти е последна шанса! Џино уште не е свесен дека си заминала! Кога ќе се свести, ни трага да не остане од тебе!“ Кога стигнав до автобусот, вратата се затвори. Му тропнав на возачите. Совозачот ја отвори вратата и љубезно ми кажа:„Ајде, влезете има уште две празни места. Седнете каде што сакате“. На едното празно седиште имаше една постара жена, а на другото празно седиште седеше помлада жена. „Каде да седнам?“, си помислив во себе. Поминувајќи, седнав до девојката, го соблеков мантилот и седнав до неа. Од мантилот се сливаше вода и таа се насмеа и го стави пред нас на помошните седишта. Многу бев истоштена и веднаш ги затворив очите. Чантата ја стискав врз себе, бидејќи таа ми беше сè. Не можев ни да гледам, ни да слушам. Уште бев во бунило, ми се тресеше целото тело. Сакав да ми се смири душата и срцето.
Сум заспала. Едно време слушнав глас како вели „пауза“, но немав желба ни да отворам очи, ни да станам. Ми се гадеше, некоја горчина ми се креваше од желудникот. Девојката до мене излезе. Бев решена додека не отидам далеку, предалеку од сѐ, да не се мрднам од местото додека не почувствувам дека не сум загрозена. Ги отворив очите. Беше ноќ. Девојката до мене не спиеше и ми подаде шише со ладна кока-кола. Почнав да пијам голтка по голтка. Дури тогаш почувствував голема жед. Испив до пола шише и повторно заспав. Кога повторно ги отворив очите, беше дење. Веќе далеку бев од дома. Никој не би претпоставил дека овој обмислен план ќе ми успее. Девојката до мене ме погледна топло со нејзините зелени крупни очи и ми рече: „Цела ноќ спиевте немирно како некое куче да Ве бркаше. Да се запознаеме. Се викам Еми. Многу сте убава“.
Никогаш не сакав да си го претставам името и затоа по куса пауза и кажав: „Мило ми е. Јас сум Мери. Забележав дека ми го гледа лицето полно со модрици и продолжив: „Кога доаѓав накај автобусот, едно куче ме бркаше и паднав. Од тоа ми се модриците на лицето“. Еми кротко се насмеа и не одговори. Се завртев на другата страна и си помислив во себе: „Ова бегство може да ми успее. Години се подготвувам. Но, ете, сега конечно го реализирам мојот план“. Немав ниту среќно, ниту убаво детство. Мајка ми не ја паметам. Откако сум се родила, една ноќ избегала и ме оставила заедно со баба ми и со татко ми и никогаш не се вратила. Татко ми оттогаш почнал да пие и да се коцка. Баба ми ме израсна и за мене беше сосема нормално да растам со неа. Кога ќе дојдеше татко ми пијан, баба ми се расправаше со него и му велеше: „Еден ден ќе умрам. Што ќе прави Мери ако и тебе ти се случи нешто“. Меѓутоа, тој не сфаќаше и си тераше по свое. Од баба ми научив многу нешта за животот. Таа со мене отворено разговараше за сѐ, потоа сите работи во кујна и ме советуваше да учам и да читам за да се спасам од беда и од сиромаштија. Еден ден кога дојдов од училиште, татко ми ми кажа дека ѝ се слошило и ја однеле во болница, но не успеале да ја спасат и таму починала. Многу плачев, баба ми беше сè, меѓутоа не бев моќна да направам нешто повеќе.
Откако замина баба ми сè се промени на полошо. Татко ми сè повеќе пиеше и се коцкаше. Речиси никогаш не беше дома и јас сама се грижев и во куќата и чистев и учев премногу. Тоа беше мојот потсвесен страв од ситуацијата во која се наоѓавме. Годините си врвеа и дојде време сите да се восхитуваат на мојата убавина. Како секоја убава девојка и мене ми се додворуваа момчиња, но јас не бев заинтересирана за нив. Меѓутоа, како секогаш што бива, се случи нешто неочекувано.
Во градот имаше едно момче. Го викаа Џино. Секогаш седеше по кафеани, опкружен со друштво од момци и девојки. Зборуваа дека е макро и дека заработува пари од проституција, коцка и шверц. Тој како сѐ да контролираше.